Калиопи се повлекува од сите јавни настапи во Македонија, а јавноста за неа од сега ќе дознава само од Балканските медиуми. Поп-sвездата нема да настапи на вечерашната "Златна Бубамара на популарноста", ниту во наредниот период ќе запее на иста сцена со други македонски изведувачи. Нема да дава изјави за весници и нема да гостува во Тв емисии.
Ова е официјалниот став на "Калиопи мјузик продукција" и "Аворд продукција", која стоеше зад настапот на Калиопи на домашниот "Евросонг" во дуетската песна со Наум Петрески "Рум дум дум", која беше избрана за второпласирана минатата сабота во Универзалната сала. Уште пред настапот на Домашниот "Евросонг", Калиопи на прес конференција изјави дека ако овој пат не победи, за неа ќе биде последен пат да се натпреварува за "Евровизија".
- За се што се случи во саботата навечер, нашиот коментар е молк. Калиопи утре патува за Загреб, и за сите планови и случувања на Балканско ниво и пошироко јавноста ќе дознава од тамошните медиуми. Се додека не ги изреализираме сите планови од агендата за наредниот период: концерти, промоции и гостувања низ поранешна Југославија, Калиопи нема да се појави на ниту една јавна манифестација во Македонија. Таа нема да настапи ниту на вечерашната златна Бубамара на популарноста", ни изјави вчера во телефонскиот разговор сопругот на Калиопи Васил Зафирчев кој е уметнички директор на "Калиопи мјузик продукција". Зафирчев нагласи дека повлекувањето подразбира и дека Калиопи нема да настапува за ниту една политичка кампања.
Откако за само еден поен, фаворитите на поголемиот дел од стручното жири, Калиопи и Наум не успеаја да станат наши евровизиски претставници во Москва, поп-дивата како во земја да пропадна. Веќе неколку дена, музичката ѕвезда која до скоро важеше секогаш достапна за медиумите и расположена за муабет, не крева слушалка.
"Поради револт и протест кон некултурните табори на младите изведувачи кои ја исвиркаа во Универзалната сала, Калиопи се повлече и лута е", велат скопските чаршиски муабети. "Евровизија е мала работа за име какво што е Калиопи. Во моментов кога подготвува голема балканска турнеја, смешка каква што беше Скопскиот фестивал не и ни треба", велат нејзините блиски соработници и колеги.
Сепак, од блиски пријатели на Калиопи дознаваме дека по целата еуфорија, таа е сосема мирна и спокојна. Поп-дивата им се поверила дека во догледно време нема да застане на иста сцена со ниту еден македонски изведувач, а има многу такви кои таа по 32 годишна кариера не може да ги нарече ниту колеги. Исклучок ќе бидат солистичките концерти на Калиопи кои ќе ги организира за нејзината публика и обожаватели. "Калиопи во саботата од македонскиот народ беше каменувана, исто како што се каменувани многу светски познати историски личности. Таа постојано од соработниците и пријателите од целиот Балкан добива и-мејлови со поддршка. За вкусовите не се расправа. Дуетската песна со Наум можеби не беше најдобра, но беше најоригинална", ни раскажаа блиски на Калиопи.
- Не можам да ви дадам никаква изјава. За се што ве интересира обратете се во "Аворд" продукција. Победничката песна не можам да ја коментирам, затоа што песните ни ги слушав со внимание", ни рече Наум Петрески, кој за разлика од Калиопи е достапен на мобилниот телефон, но ниту тој не дава коментари.
Утре во Загреб Калиопи ја чека состанок со светски познатиот лаутист Един Карамазов, за да ги финализираат деталите околу заедничкиот албум со стара музика од целиот свет кој го подготвуваат. На 29 март е првиот голем солистички концерт на Калиопи во Загреб, а неколку дена пред тоа, на 25 март таа ќе одржи концерт во Будва. До крајот на годината, на агендата се и концерти во Белград, Сараево и Љубљана и едно гостување во Русија. Наскоро, таа ќе снима дует со босанската фолк легенда Халид Бешлиќ.
Во септември, во издание на "Аквариус рекордс", таа го издаде албумот на Хрватски јазик "Желим ти речи". "Овој албум го посветувам на мојата земја, која ме одгледа во космополитски дух. Името и е Македонија", напиша Калиопи на обвивката на албумот како посвета.
Изминативе месеци, таа имаше успешни промоции на албумот во Белград и Загреб. "Поп- кралицата која ја испеја антологиската "Бато", по 20 години ни се врати во Србија", напишаа српските весници по промоцијата во декември.
Калиопи музичката кариера ја започна на 9 години, со победата на детскиот фестивал "Златно славејче". Со групата "Калиопи", 1985 година учествува на фестивалот "Опатија" и од страна на акредитираните новинари на Југославија добива награда за најдобра интерпретација за песната "Лео". Со групата и нејзиниот тогашен продуцент и сопруг Ромео Грил издава уште еден албум. Во најголемата популарност на ниво на попранешна Југославија таа се пресели во Швајцарија.
Соло камбекот во Македонија и се случи во 1999 година, со албумот "Обои ме". Следуваат уште 4 студиски албуми, една компилациjа од најдобри хитови, музика за балет, филм и театар, документарни филмови и повеќе видео изданија. Калиопи е добитник на признанието Мајка Тереза за 2004 година. Беше претседател на Здружението за авторски музички дела "Шпато", и Претседател на Советот на ЗАМП на Македонија, како и почесен уметнички амбасадор на македонската економија во светот за 2005 година.